Ви се случило ли?

Ви се случило ли некогаш, да сакате да лежите на нечии гради и да го впивате мирисот што испарува од нив, се додека сетилните клетки во носот не ви отрпнат од неговиот интензитет? Сте го фатиле ли, моментот кога сите желби од минатото, сите авантуристички мисли што некогаш ви поминале низ глава, сте ги поврзале со една конкретна личност и сега знаете со кого сакате да ги посетите сите места каде не сте биле, да ги доживеете сите возбуди што до сега не сте ги? Ви се случило ли, да се фатите себеси како поминувате часови не помрднувајќи се од едно место, мислејќи само на една личност, обземени од фантазии и мечти? Сте посакале ли, своите прсти да ги вплеткате меѓу нечии, и да трчате некаде, лулајќи ги рацете од занес? Сте почувствувале ли, колку е гласно биењето на вашето срце секој пат кога само ќе помислите на некоја идна средба, иден допир, иден час? Сте ја чуле ли, воздишката што ја испуштате првиот момент после разделбата, и тајното посакување времето до наредното гледање побрзо да помине? Сте ги доживеале ли, пеперутките што луто беснеат низ вашата утроба секогаш кога макар на еден милиметар од вашата кожа ќе го почувствувате допирот со една друга? Сте поминале ли, низ сите места, несвесно истражувајќи ги со вашето сетило за мирис, за случајно некаде, да не залута некое бранче што наговестува нечие присуство? Сте ги затвориле ли очите, за комплетно да се впуштите во еден бакнеж, за целосно да го почувствувате, за подолго да трае? Сте ги забележале ли, сите детали на една појава, за сеќавањето што ќе го имате отпосле да биде побогато? Ви биле ли, некогаш, симпатични нечии маани? Ви се случило ли, веќе да не можете да си го замислите својот свет без едно познанство?

Mене да.

Зборови

Се најдов на мака да ги запишам сите оние бесконечни зборови кои немаат име. Впрочем, и како би можело да се напише нешто толку апстрактно? Како да ѝ се објасни на една личност нејзината посебност, како да ѝ се објаснат искрените желби? Ова е сепак само една страница, овде сепак стои само еден грст зборови. Зборови… само тоа и ми остана. Тоа е единственото што отсекогаш сум го имала, тоа е единственото нешто што искрено можам да го подарам некому, а до крај да ја задржи смислата на она што сакам да го речам. Па, ти подарувам зборови. Некои до крај недоречени, некои шарени, големи, мали, слатки, секакви.

Ти го подарувам зборот среќа, завиткан во шарена хартија од желби – да ја најдеш. Барај ја во малите работи, во нематеријалните. Барај ја во ветерот, во сонцето, во блиските, во музиката, во зборовите… Тука е некаде. Само затвори ги очите и најди ја. Твоја е, зошто ти бездруго ја заслужуваш. Не бегај од неа бркајќи ја. Придодади ја еднаш до своето име, види колку убаво звучи.

Ти го подарувам зборот победа, внимателно ставен во ќесичка за да можеш да го носиш со себе. Ти посакувам да бидеш победник во сите оние мали битки кои со себе ги водиш, во битките со нерасположението, со тагата, со настинката, со што и да ти се најде на патот кон благосостојбата.

Ти го подарувам зборот забава. Овој е спакуван во соларник. За сè што ќе решиш да направиш да го зачиниш со неа.

Ти го подарувам зборот рамнотежа во форма на апстрактна вага. За да успееш да измериш сè и да избалансираш. Да не ти дојдат премногу позитивности, оти и тоа не е добро 🙂

И на крај, ти го подарувам зборот задоволство во форма на сетилни дразби, за тие да те доведат до него. Звук на жуборење на водата, мирис на пролет, на цвеќиња, мешавина од бои, шаренило, вкус на чај од јагода и ванила, допир на дождот по површината на кожата…

Ти подарувам желби. Големи, искрени, остварливи. За да бидеш среќен.

                                                                              Од сè срце, посветено на С.

Градови

Ми се случува, чекајќи, да ги најдам најблиските скали и да седнам. За момент да се исклучам од реалноста, за момент да замолчам. Да ги набљудувам луѓето. Минуваат сите, забрзани, секој носејќи го својот свет во чантите. Најинтересни ми се кога ќе светне зелено за пешаци на семафорските светла, кога од двете страни на зебрата си одат во пресрет мнозина, кога се разминуваат, за момент влегуваат едни во други, и некако се протнуваат, излегуваат. Тоа трае само момент, само дел од секундата кога сите се негде на средина, кога се едно. Кога се вкрстуваат минувачите.

Некогаш, пак, ги набљудувам како глумат насмевки пред знаменитости, да ги овековечат моментите. А некогаш, сакам само да седнам на клупа покрај реката, да ги свиткам нозете во колената, да ги качам на клупата, да ги прегрнам и да ја набљудувам водата. И се што таа носи.

Некогаш, трчам. Без причина. Си наоѓам нешто, и трчам по него. Најчесто тоа се автобусите. Ги фаќам. Секогаш. Сакам да си го набљудувам дишењето после тоа. Да се втурам во првото слободно седиште, збрефтајќи. Да гледам низ прозорот, ни еден миг не пропуштајќи ги вдишувањата и издишките. Да набљудувам како полека се намалуваат, се смируваат. И потоа повторно трчам.

Понекогаш сакам да прошетам по некои улички низ кои никогаш не сум била. Да ги истражувам новите изгледи, новите видикови линии. Сакам да влезам во некоја стара зграда, да ги затворам очите и да го вдишувам мирисот што го испуштаат ѕидините, мирисот на старост, на гнилост. Да го вклучам најмоќниот евоцирач на нејасни сеќавања.

Сакам кога ќе ме намамат некои фини цвеќиња од нечиј двор, па кога ќе ја протнам раката низ решетките на оградата за да украдам некое. Да го скинам, и да избегам. Потоа да живеам со неговиот мирис.

Некогаш сакам да наоѓам нови треви, каде ќе можам да се испружам, да ги гледам движењата на гранките високо над мене. Да станам кога ќе ја почувствувам влагата на задникот, од сеуште неиспарената утринска роса.

Сакам да истражувам кровови, да лежам и да заборавам на времето. Да го чувствувам студот, но да го занемарувам. Да се сетам да си одам на изгрејсонце.

Обожувам да се изнасмеам гласно, онака сама, на сред гужва. А најмногу од се, да ги гледам лицата на овие наоколу, кога ќе го направам тоа. И да се изнасмеам уште повеќе.

Сакам да си играм со нивните умови, да знам повеќе од нив.

Сакам да ги избегнувам пукнатините на улиците… А на оние пополочени тротоари, да ги вметнувам стапалата исклучиво на плочките.

Толку ми е слатко тоа ситно прекршување на правилата, толку сакам да не ги почитувам, да не се грижам за нив. И да ги гледам спротивните, како ме осудуваат поради тоа. Гласно да им се смеам в лице.

Колку се убави градовите кога ги живееш… Наместо да ги галиш низ стаклото, од оваа страна на прозорците.

Цвеќенце над урнатините

Често се наоѓам во дилема… Дали е бучавата реална или е само производ на мојот ум? Дали е тоа дежаву, што често знае да ми се случи, да го слушам напукнувањето на малтерисаните студенила на она што некогаш го нарекував дом? Често се прашувам, дали тие дојдоа и го срушија единственото живеалиште за кое отсекогаш сум знаела, дали посегнаа по неговите ѕидови, дали ги уништија, дали цигла по цигла, до темел го сторија во прав? Дали со него ги однесоа и спомените? Дали со него го избришаа и целото она минато, се она што некогаш било запишано, дали веќе не се важи? Под рушевините се наоѓаше мојата соба, единственото место на светот во кое имав доверба, четирите ѕида помеѓу кои јас излегував од моето тело и танцував во воздухот. Единствениот простор неисполнет со стравови, само мир, убави мириси, проекција на мојата внатрешност. Сите слики се сега таму, под оние искршени стакла и распаднат бетон. Сите љубови, сите желби и копнежи. Сите солзи, сета музика, сите обетки и тага. И среќа. Целиот свет е онаму, каде што стоев, каде што беше под моите нозе, каде го газев немилосрдно. А сега, гледам во крвавите раце и се прашувам, ‘што направив?!’… Однесов сè во неповрат. Јас сум тие. Тие се јас. Едно сме. Имав време да ги сложам сите парчиња од сложувалката, имав време да си простам. И сега, после цела вечност, кога се вратив таму, кога отидов да се соочам со непромислените одлуки, со раните кои си ги нанесов… Најдов цвеќенце. Најдов розево пролетно цвеќенце над урнатините. Дали тоа значи дека ми простуваш?

Ти благодарам, милино.

Како да ти се заблагодарам што си постојано покрај мене?

Што без збор знаеш да ме утешиш кога ми е најпотребно?

Што и кога сум несреќна, а никој не забележува, ти си секогаш овде да ме бакнеш нежно, да ми покажеш дека се грижиш?

Што често знаеш да се преправаш дека ти се допаѓаат песните што ти ги пуштам, само за да ми удоволиш?

Ти благодарам што си овде, секој ден, што ме испраќаш на излегување, и ме дочекуваш на враќање.

Што знаеш да ме засмееш со твојата невина смисла за хумор.

Ти благодарам, што навечер чекаш сите да заспијат, за така професионално, шпионски да ми се шмугнеш во креветот, само за да добиеш бакнеж за добра ноќ.

Што не ми дозволуваш да задоцнам наутро со будење, секогаш го правиш тоа место мојот аларм. Најслаткото будење, со бакнеж.

Што дури и кога не си, радосен си за мене.

Што не ми замеруваш кога ќе те извадам од памет во среде спиење, само зошто имам потреба за нежност.

Што ме предупредуваш кога некој не ти се допаѓа.

Ти благодарам, што додека учам, доаѓаш да ме провериш, и да ми дадеш мала пауза со едно од оние симпатични тркалања по креветот, што знаеме да си ги приредиме од време-на време.

Ти благодарам милино, што си толку симпатичен, што русите шишки ти достигаат до носот, и што знаеш понекогаш да ме скокотнеш со нив.

Што знаеш да ја ставиш твојата рака врз мојата, за да покажеш дека ме разбираш.

Што никогаш не ми замеруваш што понекогаш знам да му обрнам повеќе внимание на компјутерот, отколку на тебе. И секогаш ми возвраќаш со најголемо внимание и нежност.

Што секој ден знаеш да измислиш нешто ново, само за усните да ми добијат форма на насмевка.

Што разговараш со мене, и ги примаш моите пораки, иако на друг јазик. Секогаш се разбираме совршено.

Што иако не знаеше што е бакнеж, научи. За мене.

Научи дека кога сакам да те прегрнам, дека треба да седиш мирен. И да ми ја спуштиш главата на рамото.

Ти благодарам што никогаш не ти е доволно галење, што ми го покажуваш мешето кога сакаш уште.

Што мафташ со опашката секогаш кога ме дочекуваш. Што ми се радуваш неизмерно многу. Што рипаш, ми зборуваш. Што си ми верен пријател. Што никогаш не си ме изневерил. Што си подготвен да ме слушаш со часови како ти се жалам. И фалам. Што не ми остави ниту една здрава чорапа. Што си бесконечно мил, што со поглед ме разбираш што сакам да ти кажам. Ти благодарам, што знаеш колку сум ти благодарна, иако текстов никогаш нема да го прочиташ, од проста причина што кучињата не знаат да читаат текстови.

Центарот на светот

Си ветив дека секој ден по малку, ќе пишувам. Денес еве, е пак еден обичен ден, по ништо различен од претходните, по ништо подобар од наредните. А сепак, е посебен. Денес, зраците на сонцето ми се гледаат некако поинаку, го даваат оној пригушен ефект врз објектите надвор, како да е сончево, а не е. Денес е еден од ретките оние денови кога меланхолијата може да се помириса во воздухот. Како дрога, ја внесувам со секое вдишување, а чистина издишувам. Како фиксирана за клупата под мене, со израз на лицето кој не говори ништо, а кажува се… Седам, размислувам, а не мислам. Механички некако, ми поминуваат мислите, старите грижи, секојдневните случувања, ги мотам, одново и одново. И денес си ги дадов ветувањата што си ги дадов вчера, и денот претходно, и денот претходно. Дека веќе нема да грицкам нокти. Дека од денес, ќе им се радувам на редовите во учебниците. Дека читалната ќе ми биде задоволство. А ветувањата никако да си ги исполнам. Седам, пак, со безизразно лице, со поглед кој е застанат на некоја неодредена точка, гледам се, а не гледам ништо. Со десната веѓа поткрената. Со малку набори на челото. Заборавам да ја џвакам гумата во устата. Заборавам да го чувствувам вкусот на боровинки. Се чувствувам како да припаѓам овде, на клупава, како отсекогаш да сум била овде, како засекогаш и да треба да останам. Ништо поразлично од дрвото покрај нас, ништо поживо од тревата под нас. Полека се претворам во мртвилото околу мене, се соединувам со него, полека бледилото на моите образи станува природа, совршено се вклопува со целосната слика. Полека студот престанувам да го чувствувам, а ветерот за мојата коса го претставува истото она што го претставува за лисјата на гранките наоколу. Без напор и противење ги вее, ги совладува. Веројатно изгледам безживотно за луѓето, веројатно се прашуваат каде ли ми се мислите, додека гледам неподвижно во една точка, без да трепнам? Не знаат, кутрите, дека јас едноставно се чувствувам удобно во своја кожа, дека јас сум само среќна. Неподвижна, но среќна. Не знаат, дека јас го најдов центарот на светот овде, на оваа клупа, сега. Центарот на мојот свет. Во овој момент… среќна сум.

Како никогаш до сега.

Денес решив да живеам поинаку.

Денес ништо нема да биде како претходно.

Денес ќе се туширам со затворени очи.

Ќе ја чувствувам секоја капка вода што ќе допре до мене.

Ќе ја навалам главата назад, така што мократа коса ќе можам да ја почувствувам врз половината.

Ќе ги заривам прстите во сапуницата, за секое меурче да биде мое.

Нежно ќе ги притискам трепките за да може и последниот грам шминка да падне, да ја извадам маската.

Денес ќе бидам чиста.

Ќе се сетам, денес, на некои стари песни.

Ќе ги слушам, ќе ги читам текстовите, ќе си докажам дека сум пораснала.

Дека после толку години ја сфаќам содржината.

Ќе пеам на цел глас.

Денес ќе пишувам.

Денес ќе го слушам дождот.

Ќе одам по друга патека, ќе заборавам на стариот пат по кој се движам секогаш.

Ќе јадам мислејќи само на храната и вкусот што го чувствувам.

Нема да ги приберам градите со елече.

Ќе оставам водата од косата сама да испари.

Нема да се исчешлам, ќе бидам бушава.

Ќе се смеам.

Ќе го чувствувам природниот мирис на мојата кожа.

Денес, ќе прошетам некаде сама.

Ќе размислувам, лежејќи.

Ќе ја гледам сенката на топлината што излегува од радијаторот.

Ќе си ги цицам усните.

Гола и мокра ќе стојам пред огледало.

Ќе облечам шарено фустанче.

Ќе јадам овошни карамели.

Денес денот ќе ми биде различен.

Денес ќе бидам среќна.

Денес ќе живеам како да ми е последен ден.

Секое наредно видување…

Нова средба. Нова возбуда. Нов прв пат. Стојам на автобуската, на старото место кое веќе се подразбира кога се договараме. Чекам. Повторно прва, повторно студена. Развеана насекаде, разнесена, немарна. Возбудена. Скитам со погледот, ги барам очите кои допрва ќе ги видам, со истата еуфорија како кога прв пат дојдоа, со истата радост и трема. Ги нема, петнаесет минути ситни капки ми го бодат лицето, си го чувствувам носот како ми црвенее. И токму кога помислив дека се откажаа, дека не сум им доволно важна за да се појават на којзнае кој по ред прв состанок, ги забележав во далечината. Нема шанси да го промашам единственото битие. Единствениот начин на движење на рацете додека оди, единствената капа во гужвата, единствените очи под нејзината стреа. Си дозволив да ги изложам моите заби на студот надвор, да примат малку од него, да ги обвие. Единствениот начин да покажам задоволство што те гледам. Како што растојанието меѓу нас се намалува, ти стануваш поголем, пореален, поприсутен. Конечно, пружам раце кон реалниот ти, возбудена дека те гледам, дека си овде. Го допирам лицето, веѓите, косата, сакам да ти ја растурам малку. Се доближувам сосема до усните со моите, но не дозволувам да се допрат. Сакам да се пошегувам, да занишам со носот, со чиј врв го допирам твојот. Ја изнудив насмевката што сакам да ја прегрнам. Не размислувајќи многу, брзо ми ја фаќаш раката, јас се смеам, те чувствувам. Ти ги чувствувам прстите меѓу моите. Во моментов, не постои подобро место каде би посакала да ги сместам. Само овде, да ја чувствуваат топлината што ја нуди твојата рака. Ме водиш некаде, неодредено, непланирано, спонтано. Одејќи, ни ги нишаш рацете. Одејќи, зборуваш. Те слушам, се смешкам. Како и секогаш. Ми раскажуваш некоја сосема неважна приказна, а јас како што секогаш знам да направам, стискам play на спората, нежна мелодија во позадина, на која и дозволувам да свири додека си овде, до мене. Ми објаснуваш, ти враќам, те разбирам. Ахх уште не можам да си дојдам на себе зошто шарените очи се овде, блескаат пред мене. Се обидувам да се сетам како беше чувството додека седам дома, се возам во автобус, одам некаде и размислувам, како ли беше, кога те замислував, кога веднаш после гледањето јас не можам да се сетам на секој милиметар од твојата кожа која тукушто ја впив? Сакам секој миг кога си присутен да те гледам, да го запомнам, да го задржам. Да имам за подоцна малку од тебе.  Пијам по малку од секој дел, размислувам слушајќи те. Гледајќи ти во длабочината сместена околу зениците, си мислам, што ли гледаш кога се насочени кон мене?

Чука во погрешен ритам.

Повторно еве, во ниедно време седам, пишувам реченици. После ноќта која требаше да биде забавна, јас еве, повторно завршив пред компјутер. Не можам да си ги извлечам рацете од косата. Сакав да бидам убава. И бев. И сум. Ама некако не успеав да се забележам самата себеси. Мислите ми беа на друго место. Онаму далеку. Онаму каде што не сакав да ми бидат, каде што не смееја да ми бидат. Денес научив нешто ново. Сега треба да научам да живеам со тоа. Едно едноставно одбивање, блокирање на чувства, повторно се вратив на почеток. На истата точка од каде што тргнавме, од каде се мачев да стигнам до овде, за кога ќе стигнам, повторно да се вратам назад. Уште го имам она што го сакав, она што успеав да го добијам, но некако студено е. Како да не е повеќе мое. Како да ми се лизга од рацете. Како да не сака повеќе да му дадам нежност, да го полевам со топлина. Оној момент кога помислив дека сме толку блиску до достигнување на невозможното… повторно ме спушти на земја. Овој пат со посилен удар. Ме срони, полека. Толку невнимателно. Сакав да заборавам, еднаш да успеам да си ги зауздам мислите, да се контролирам, да не мислам. Сакав да го гледам типот со наочари. Го гледав, се движев по ритамот и уживав. Иако полека нозете ми отекуваа, иако чувствував умор над очите, и некој чуден притисок во градите, не ја тргнав насмевката. Сакав убава да бидам. Ама не исцрпив среќа од задоволството кое сакав да си го приредам. Уште еден мал неуспех доживеав, неуспевајќи да ги доведам до ред мислите, да го научам срцето да чука по ритамот кој ќе му го диктира разумот.

Една фантазија

Секако дека повторно ќе пишувам како се чувствувам откако една нова насмевка влезе во мојот живот, особено откако таа насмевка почнав да замислувам дека е моја. Можеби не само да замислувам… но за тоа понатаму. Па еве, ново утро, уште една серија на добро извежбаниот секојдневен ритуал… Повторно лежам, ги отварам очите и како и секогаш…. на старото добро место за спиење, си велам добро утро насмевке, повторно образите не можам да си ги приберам. Се чувствувам clothesless, срам не постои, само удобност. Не ми е потребна облека за да се чувствувам своја. Своја сум еве, лежам. Неколку мига откако сум свесна дека сум повторно во реалноста, ја чувствувам топлината на креветот, ги чувствувам првите сончеви зраци како ја галат секоја клетка на мојата кожа, како испрекинато поминуваат низ венецијанерите, создавајќи зебра врз мене. Совршена фотографија, совршено утро. Совршена фантазија. Ете, пак ја завртувам главата налево, повторно ја гледам мојата насмевка до мене како лежи, спие насмевнато. Спонтано некако ги отвораш очите, ми го подаруваш она што секое утро ми го збогатува, со очи ти велам good morning, sunshine, ти се насмевнувам и јас, полека и нежно доаѓам да те бакнам за прв пат во денот, кратко да те допрам со усните, да ја почувствувам поспаната топлина на твоите; повторно го отвораш покривачот за да легнам на местото резервирано за мене, си дозволувам да заборавам каде завршува моето тело, а каде почнува твоето; да го поврземе мојот крај со твојот почеток, совршено да ги сплотиме моите конкавни во твоите конвексни агли. Да си подариме неколку мига нежност, да заборавиме на светот лежејќи така еден во друг, завртена со грбот кон тебе, како мајсторски извежбана техника ми стана, повторно ти ја земам раката и ја ставам врз мојата половина, да се приближиме, да ти го почувствувам здивот во мојот врат, сосема невино, како што вчера ме опсипа со неколку топли бакнежи одзади, повторно предизвика електрицитет на површината на моето тело, повторно се наежив и повторно посакав повторно да го почувствувам истото, секое утро.

Деновите си започнуваат, си врви времето, секој со своите обврски. Трчаме наоколу, лутаме со умовите, одејќи по улица, планирајќи го времето, забораваме на среќата што си ја подаруваме секое утро, но одејќи така, секој пат кога ќе почувствувам дека расположението ми оди во непосакувана насока, се вртам налево, си ја гледам насмевката до мене, ти враќам и јас една и продолжувам одејќи со некој грам повеќе енергија. Можам салто да направам од среќа. Веќе ништо не допира до мене, знам дека среќата моја е овде, можам да ѝ го допрам студеното раче секој пат кога ќе посакам, макар нека е и украден миг во мислите. Некогаш навистина помислувам дека, одејќи по улица, со умот на некое трето место, можам да почувствувам како на моменти лебдам, секогаш се наоѓам неколку сантиметри повисоко отколку она што реално сум, одвоена од земјата, во некоја друга димензија, во мојот свет.

Previous Older Entries